Новости

Ке се организира тридневен зелен камп за ученици од Македонија и Бугарија

02 октомври 2017

ЗГ „Центар за климатски промени“ – Гевгелија од 6ти до 8ми октомври“ во Хотел Истатов, Дојран ќе организира тридневен зелен камп на тема „Уметност од отпад“.

Главната цел на зелениот камп е зголемување на свеста кај учениците од основните училишта во прекуграничната област на Р. Македонија и Р. Бугарија за управувањето со отпад, неговото намалување, спречување, селектирање и рециклирање. На зелениот камп ќе бидат организирани тематски работилници за изработка на фигури од отпад, игри и натпревари за правилна селекција на отпадот. Во рамките на зелениот камп ќе биде промовирана и тренинг програмата за управување со отпад наменета за едукација и подигнување на свеста на учениците за правилно постапување со отпадот. Тренинг програмата е наменета за неформално образование за учениците од 6-то до 9-то одделение во Р. Македонија, односно за учениците од 5-то до 8-мо одделение во Р. Бугарија.

На зелениот камп ќе присуствуваат 15 ученици од Р. Македонија и 15 ученици од Р. Бугарија кои ќе бидат во придружба на 2 наставници.

Учесници од Р. Македонија ќе бидат учениците од основното училиште „Петар Мусев“ од Богданци, кои го освоија второто место на конкурсот за изработка на кратко видео на темата „Типови на отпад, селектирање на отпад и рециклирање на отпад“.

Зелениот камп е дел од проектните активности на проектот „Прекугранично партнерство за заштита на животната средина и подобар квалитет на живот (Waste EDU)“, кој е финансиран од Европската Унија преку ИПА програмата за прекугранична соработка на Република Македонија и Република Бугарија. Целта на проектот е да се интензивира и промовира прекуграничната соработка помеѓу луѓето и институциите за заедничко решавање на еколошки проблеми поврзани со управувањето со отпадот и спречување на загадувањето во прекуграничниот регион, преку што ќе се овозможи подобар квалитет на животот во регионот.

Подетални информации за проектот може да се прочитаат на интернет порталот на проектот www.waste-edu.eu.