Управување со отпад

Управување со отпад

Управувањето со отпадот ги претставува сите активности и акции кои се потребни за управување со него, од неговото создавање се до неговото конечно одлагање. Меѓу другото ова вклучува: собирање, транспортирање, третман и одлагање на отпадот како и негово следење и регулирање.

Терминот управување со отпад вообичаено се однесува за сите типови на отпад, без разлика дали се генерирани за време на добивање на суровините, при преработката на суровините во полупроизводи и готови производи, при потрошувачката на готовите производи или други човечки активности, вклучувајќи општински отпад (станбени, институционални, комерцијални објекти), земјоделски и социјален отпад (здравствена заштита, опасен отпад од домаќинствата, отпад од отпадна вода). Управувањето со отпадот има за цел да ги намали негативните ефекти на отпадот врз здравјето, животната средина или пејсажот.

Една од најважните работи за правилно управување со отпадот е правилното селектирање на отпадот. Ова вклучува селектирање на различни типови на отпад и негово одлагање во контејнери наменети за тој тип на отпад. Согласно моменталното законодавство, хартијата треба да се одлага во сини контејнери, стаклото во зелени, пластиката во жолти, металот и отпадот од електрична и електронска опрема (ОЕЕО) во црвени контејнери. Боите на контејнерите се дефинирани според законски обврзувачките акти за земјите членки на Европската Унија (ЕУ) и за земјите кандидати за членство во ЕУ.

ХИЕРАРХИЈА НА ОТПАДОТ

Хиерархијата на отпадот е збир на приоритети за ефикасно користење на ресурсите. Хиерархијата на отпадот е следна:

1. Спречувањето на отпадот кој вклучува акции за намалување на количините на отпад создадени од домаќинствата, индустријата и сите нивоа на власти (општини, јавни установи итн.)nt

2. Повторна употреба на ресурсите која вклучува нивно повторно искористување, рециклирање, преработка и добивање на енергија од отпад

3. Одлагањето на отпад вклучува управување според најеколошки одговорни начини.



Спречување и намалување на отпадот

Спречување и намалување на создавањето на отпад како највисок приоритет ја поттикнува заедницата, индустријата и властите да ja намалат количината на основниот материјал (суровина) и нејзиното користење. Целта е да се максимизира ефикасноста и да се избегне непотребната потрошувачка, како што се:

  • одбирање на производи со најмало пакување или кои бараат најмалку ресурси за нивно производство
  • одбегнување на производи за еднократна употреба или материјали за еднократна употреба
  • купување на рециклирани производи, производи кои можат да се рециклираат, кои се за повеќекратна употреба или се биоразградливи
  • наместо да ја фрламе преостаната храна повторноно да ја користиме.

Повторна употреба на ресурсите

Вториот приоритет повторната употреба на ресурсите ги максимизира можностите за повторно искористување, рециклирање, преработка и добивање енергија од отпад.

Онаму каде што спречувањето и намалувањето на отпадот не е можно, следна најпосакувана опција е повторно искористување на материјалите без понатамошна обработка, избегнување на трошоците за енергија и други потребни ресурси за рециклирање. На пример, многу предмети за домаќинства и индустрија можат да бидат поправени, повторно употребени, продадени или донирани во добротворни цели.

Повторното искористување (без понатамошна обработка) и рециклирањето (обработка на отпадни материјали за да се направат исти или различни производи) ја задржува економската вредност на материјалите и придонесува за животната средина преку намалување на потребата за нови материјали и создавање на отпад.

Некои материјали може да бидат несоодветни за повторна употреба, рециклирање или за добивање на енергија и притоа им е потребен третман за да се обезбеди минимално влијание врз животната средина или здравјето.

Третман или одлагање

Некои видови на отпад како што се опасните хемикалии или азбест, не можат безбедно да се рециклираат, па затоа нивен третман или одлагање е најсоодветното решение за управување со овој тип на отпад.

Типови на отпад

Отпадот може да се класифицира во различни текови на отпад, вклучувајќи различни видови на материјали кои имаат различни физички и хемиски својства и затоа мора да се третираат и да се одлагаат на различни начини. Главните текови на отпад во индустриите од двата региони се дадени во табелата подолу:

ТИП НА ОТПАД ДЕФИНИЦИЈА
“Отпад” е секоја материја или предмет што создавачот или поседувачот ја/го отфрла, има намера да ја/го отфрли или од него се бара да ја/го отфрли
Опасен отпад е отпадот што по својот состав или концентрации на опасни супстанции може да предизвика опасност по животната средина, животот и здравјето на луѓето и коишто имаат едно или повеќе опасни својства, како што се: експлозивност, реактивност (оксиданси), запаливост, надразливост, токсичност, инфективност, канцерогеност, мутагеност, токсичност за репродукција, екотоксичност и својства на испуштање отровни гасови при контакт со вода, воздух или киселина, утврдени во согласност со овој закон или друг пропис, а притоа во Листата на видовите отпад е наведен и посебно обележан како опасен отпад, вклучувајќи го и секој отпад што е измешан со опасен отпад
Неопасен отпад е секој отпад што не ги поседува карактеристиките на опасен отпад
Инертен отпад е секој отпад што е отпорен и не подлежи на никакви значителни физички, хемиски или биолошки трансформации, не се раствора, не согорува и не реагира на друг начин физички или хемиски начин, не се биоразградува, а отпадот и неговиот исцедок не влијаат на друга материја со којашто доаѓаат во допир, на начин со кој може да ја загрозат животната средина, животот и здравјето на луѓето при што вкупното количество и содржина на загадувачките супстанции во отпадот и екотоксичноста на процедокот мора да биде незначителен за да не го загрозува квалитетот на површинските и/или подземни води
Комунален отпад Комунален отпад е отпад што се создава од физички лица од домаќинствата (отпад од домаќинства) и комерцијалниот отпад. Отпадот од домаќинствата е отпадот кој секојдневно се собира од домаќинствата, како и посебно собраниот опасен отпад од домаќинствата, кабаст отпад, градинарски отпад и слично;
Комерцијален отпад е секој друг отпад создаден од правни и физички лица при вршење на комерцијални, индустриски, занаетчиски, услужни, административни и слични дејности, кој според својат природа или според својот состав е сличен на отпадот од домаќинствата
Индустриски неопасен отпад е отпадот што се создава при производствените процеси во индустријата и не содржи опасни карактеристики, а според својствата, составот и количеството се разликува од комуналниот отпад
Биоразградлив отпад е секој отпад што може да биде разграден со анаеробни (без присуство на кислород) или аеробни (присуство на кислород) процеси на разградба како што е отпадот од храна или градинарски отпад, како и хартија и картони
Отпадни масла се минерални, синтетички или индустриски масла, во течна или во полутечна состојба, кои станале непогодни за употребата за којашто првично биле наменети, а особено употребените масла за моторите со внатрешно согорување, маслата за менувачките кутии, како и маслата за турбини и хидрауличните масла вклучувајќи ги и масните остатоци од резервоарите, мешавини од вода и на масла и емулзии
Батерии и акумулатори се секој извор на електрична енергија создадена со директно претворање на хемиска енергија, кој содржи една или повеќе примарни батериски ќелии (кои не можат повторно да се полнат) или содржи една или повеќе секундарни батериски ќелии (кои можат повторно да се полнат)
Употребени батерии и акумулатори се батерии и акумулатори коишто не можат повторно да се користат и се наменети за преработка или отстранување
Отпадна електрична и електронска опрема е секој електричен и електронски уред кој сопственикот и/или поседувачот го исфрла, има намера да ги исфрли или од него се бара да ги исфрли, вклучувајќи ги и сите делови и компоненти кои се составен дел на уредот во моментот на исфрлањето
Отпад од пакување е секое пакување или материјал за пакување што создавачот или поседувачот ги исфрла, има намера да ги исфрли или од него се бара да ги исфрли, освен остатоците од производството

Дефинициите се дадени во согласност со Законот за управување со отпад, Законот за батерии и акумулатори и управување со отпадните батерии и акумулатори, како и Законот за ОЕЕО на Република Македонија, кои се во согласност со соодветните директиви на ЕУ. Повеќе информации за националното законодавство се дадени во делот Материјали/Други корисни материјали